04.10.2016 Одличен успех постигна кошаркарската екипа “Феникс 2010“ од Скопје, во која стандарден играч е и кочанецот Андреј Данилов.
На турнирот што се одигра во полскиот град Лоѓ, во рамки на Европската младинска лига, а на кој се учествуваа 32 екипи од европските земји, тимот на нашиот кошаркар го освои првото место.
Во своето деби во лигата, селекцијата на кошаркари родени 2000-та година оствари четири победи во исто толку одиграни натпреври, при што во сите постигна победи со над 20 коша. Во првиот натпревар тие го совладаа претставникот од Италија, “Лидо ди Рома“, а веднаш потоа и унгарската екипа “Шедеак“ од Сегед.
Преостанатите две победи македонскиот претставник ги извојува против “Хонвед“ од Будимпешта и против полскиот претставник “Гортад Академија“ од градот домаќин Лоѓ.
Нашиот кошаркар Данилов на сите средби имаше одличен учинок, со што им помогна на своите соиграчи да дојдат до победите. Тој веќе втора сезона настапува за скопскиот клуб и стандардно е меѓу најдобрите петмина. Исто така се вбројува и меѓу најдобрите стрелци во младинската кошаркарска лига на Македонија, со оглед што во просек постигнува по 16 поени од натпревар.
Можностите за напредување во кариерата му се големи, особено што неговата професија и во иднина ќе биде поврзана со спортот, со оглед што е ученик во средното училиште за физичка кулура во Скопје. Потврда за талентот и квалитетите со кои располага Данилов е и ангажманот во кадетската репрезентација на Македонија со која учествуваше на европското првенство во Бугарија.
Во наредниот период за него и неговата екипа “Феникс 2010“ претстои нов ангажман во Унгарија во рамки на вториот турнир од Европската младинска лига, при што ќе треба да го повторат успех од Полска.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.