10.10.2016 Токму со добивањето на концесијата за езерото “Гратче“, членовите на спортското риболовно здружение “Кочански рибар“ имаа богат улов. Од водата на езерото во неделата доцна попладне е извлечен крап капиталец со тежина од 15-ина килограми.
Риболовците велат дека веќе три дена кампуваат покрај езерото и имале успех во риболовот, но никој не очекувал дека ќе имаат толкав плен.
До сега имаше официјална забрана за риболов на “Гратче“, а со добивањето на концесијата сите рекреативци кои имаат државни дозволи можат да ловат, се додека кочанското риболовно здружение да започне со издавањето дозволи само за оваа акумулација.
- Ние сме тие кои имаме државни дозволи за риболов и дојдовме во саботата, ова ни е прв риболовен излет и веднаш добри резултати. Тоа покажува дека со мали порибувања оваа вода може да биде една од најинтересните во Македoнија, бидејќи е многу чиста, езерото е пристапно, со помош од Општината за уредување на патеките, зони за риболов, може да се направи прекрасно езеро за спортски рекреативен риболов. Крапот го пуштивме, тоа е девизата на спортските риболовци “фати-пушти“. Ќе гледаме и понатаму тоа да се практикува за да имаме што повеќе риба во езерото и кога ќе дојде некој да ужива во риболовот, а не да седи и без риби. Тоа е убавината, да ја извадиш рибата, а риби можеме да си купиме. Сите вложуваме многу пари во риболовна опрема и со тие пари можеме да купиме многу риба за јадење, рече Ванчо Стаменков, спортски риболовец.
Крапот капиталец е фатен на посебна мамка, т.н. бојла што ја подготвил Стаменков. Извлекувањето на рибата со толкава тежина од водата не било лесно.
- Беше доста тешко, ама доста успешно и доста авантуристички, едно 5 до 10 минути беше времетраењето на вадењето на крапот. Освен крап има и сом, клен, има амур, значи многу риби има во нашата брана, за рекреативен риболов ќе биде многу успешна, рече Лазар Ѓорѓиев, спортски риболовец.
Спортскте риболовците кои го фатија крапот капиталец им порачаа на сите свои колеги да набават дозволи и да си ја пробаат среќата со сличен улов. Рекоа дека враќањето на пленот назад во езерото се подразбира, со што ќе се зачува рибниот фонд и ќе им се овозможи на сите рекреатвици да уживаат во своето хоби.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.