01.11.2016 Мостот на река Брегалница што ја поврзува општината Зрновци со Кочани и Источниот регион ќе започне да се гради.
На местото на стариот и дотраен мост што страдаше од поплавите во февруари минатата година ќе биде изграден нов со должина од стотина и широчина од 6 метри и истиот ќе биде поставен на осум носечки столбови.
Изведувач на работите ќе бидат компаниите „Фросине“ и „Гранит“ од Скопје.
Ова на прес-конференција го истакна градоначалникот на Општина Зрновци, Блаже Станков кој по одржаниот собир со жителите на Зрновци најави негова изградба. Рече дека од самиот почеток за подготовка на изградбата на мостот бил предвиден помошен премин изграден од бетонски пропусти за да се поминува со лесни возила преку реката Брегалница.
- Општина Зрновци ќе започне со поставување на бетонски пропусти како можност за сообраќајно решение преку реката Брегалница за лесни моторни возила. Паралелно со ова очекуваме компанијата избрана за изведувач на градежните работи на мостото „Фросине“ и „Гранит“ деновиве да започнат со своите активности со отстранување на оштететниот мост и градба на нов, истакна градоначалникот Блаже Станков.
Како Општина неколку пати се обиделе да го забранат движењето по мостот, но жителите постепено почнале да ги отстрануваат барикадите и целосно да го користат мостот кој беше забранет за употреба.
- Сакам да потенцирам дека мостот е оштетен и може да додје до негово целосно рушење. Од тие причини свикав собир на граѓани за да ги известам граѓаните за новото сообраќајно решение за поставување на бетонски пропусти барем во периодот додека не се зголемат водите не реката Брегалница, рече Станков.
Финансиските средства се обезбедени од Европската Унија од Програмата за штети од поплавите 2015 година. Овие средства се добиени преку УНДП кои ја спроведоа тендерската постапка за реализација на мостот.
Градоначалникот Станков истакна дека од објективни причини избраниот изведувач компнаниите „Фросине“ и „Гранит“ не започнале со работа бидејќи се уште во процедура било обезбедувањето согласности од надлежните институции за да започнат работите на мостот.
Инаку, и покрај бурните реакции од одредени граѓани, сепак жителите на општина Зрновци на заедничкиот собир биле категорични во оценката дека крајно време е проблемот со мостот на река Брегалница да биде решен.
Т. Велкова
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.