07.11.2016 По 21. партиски конгрес што се одржа викендов, СДСМ ги обелодени кандидатските листи за пратеници за предвремените парламентарни избори. Според распоредот, Општинската организација на СДСМ - Кочани котира високо, со оглед што нејзиниот претседател Сашко Костов се најде на 5 место.
Анализата на постигнатите резултати од досегашните изборни трки и бројот на гласовите што ги добивала партијата и нејзините коалициони партнери, покажува дека повеќе од сигурно е оти се работи за добитна позиција. Освен Костов, на листата има уште еден кандидат од општина Кочани, актуелната советничка Соња Иванова, која се наоѓа на 17 место.
Од микрорегионот солидна позиција има и кандидатот од Општинската организација на СДСМ од Виница, Славица Шуманска - Митева која е на 10 позиција.
Инаку, носител на листата за Изборната единица број 3 е Љупчо Николовски, дополнителен заменик министер за земјоделство.
Со ваквиот распоред на кандидатските листи се потврдуваат најавите на раководството на партијата дека најголем број од имињата ќе бидат млади лица, без негативна политичка и друга позадина, со што би се добила нова енергија и ентузијазам. Всушност, повеќето од предложените кандидати досега немале високи позиции во партиската структура на државно ниво, односно биле или се претседатели на општинските организации или членови со активно учество во работењето на партијата во последните неколку години.
Освен нив, на кандидатските листи има места и за припадници на коалиционите партнери, како и за непартиски кадри, односно активисти од граѓанскиот сектор. Образложението на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, искажано на последниот партиски конгрес, е дека одлуката на овој начин да бидат составени листите е за да се покаже оти граѓанскиот концепт е победнички, а Македонија треба повторно да биде вратена во рацете на граѓаните.
T. Aјтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.