08.11.2016 Синоќа околу 22 часот, наспроти празникот Св. Димитрија, манастирчето или оброчиштето во населбата Трајаново Tрло, посветено на истоимениот светец, го ограбиле непознати сторители.
Ги однеле прозорците, целиот инвентар од кујната, прибор за јадење и казаните за готвење ручек, а на крајот ги искршиле иконите.
- Вечерта наспроти празникот, во 22 часот се случи кражба во манастирот. Беше насилно скршен прозорецот, земени се сите предмети и приборот од кујната со казаните за готвење, иконите се скршени и однесени на друго место. Ова не е прв пат да се случува ова. Во последните неколку години се случуваат кражби. Минатата година беше изваден кабелот за струја и беа разбиени вратите, рече отец Гоце Ефтимов, свештеник во црквата „Св. Вмч. Ѓорѓи“ Кочани.
По неколкуте кражби во овој манастир свештениците велат дека не е можно инвестирање во него, оти веднаш ги снемува предметите.
Верата ни се сведува на многу ниско ниво, додава отец Ефтимов и вели дека се чувствува голема омраза, а не почит меѓу луѓето. Свештениците упатуваат апел до сите граѓани да се има страв Божји и поголема почит кон светиите.
За грабежот ја известиле и полицијата која што направила увид и записник на местото на кражбата.
Т. Велкова
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.