09.11.2016 Младите фудбалери на “Фудбал Старс“ од генерацијата 2001 се есенски шампиони во Регионалната пионерска лига на Македонија. Во седумте одиграни кола тие постигнаа исто толку победи и освоија 21 бод со што заслужено се најдоа на врвот на табелата.
Како домаќини на дерби натпреварот, што беше и последен за првиот дел од сезоната, тие со 3:1 ја совладаа екипата на „Њу Старс“ која им беше директен конкурент за освојување на првото место.
Дополнителен доказ за добрата игра на нашите помлади пионери е и постигнатата висока гол разлика, при што на сите досегашни натпревари примија само 4 гола, а дури 29 пати ги затресоа противничките мрежи.
Добра игра во есенскиот дел прикажаа и нивните помлади клупски колеги од генерацијата 2003, кои го освоија третото место во Југоисточната регионална лига.
Инаку, во последното коло добри резултати постигнаа и останатите екипи на “Фудбал Старс“, при што во Детската лига генерацијата 2004 го победи ФК “Кочани“ со 11:0, а генерацијата 2006 во дуелот со соодветната екипа од истиот тим постигна победа од 12:0.
Нашите фудбалери беа успешни и во пријателските натпревари со своите врсници од “Брегалница“ од Штип. Притоа генерацијата 2003 ги победи штипјани со 3:2, додека генерацијата 2006 славеше уште поубедлива победа од 7:3.
Единствено разочарување приредија фудбалерите на “Фудбал Старс“ кои се натпреваруваат во Општинската фудбалска лига – Кочани. На натпреварот против “Олимпик Ко 2016“ од Оризари тие доживеаа пораз од 6:2.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.