07.12.2016 По подолг период во вештачкото езеро “Гратче“ е извршено порибување со што членовите на спортско риболовното здружение “Кочански рибар“ ги реализираа ветените активности.
Откако пред неколку месеци ја добија концесијата за стопанисување со акулмулацијата, тие се зафатија со збогатување на рибниот фонд. Со тоа ги остваруваат ветувањата дека ќе работат на обновување на ресурсите, но и на одржување на околината на езерото.
Ова е првата акција за порибување, а се најавува дека напролет ќе има уште една.
- Акција што ја планираше Управниот одбор да се спроведе прва, втората ќе биде во март. Во првата акција има порибување со 226 килограми крап од репроцентарот “Акватика“ од Неготино и според нашата програма ова е само еден почеток, со сопствени средства на риболовното друштво “Кочански рибар“, од членарина, од продадени риболовни дозволи и едноставно, сакаме во езерото “Гратче“ да го збогатиме рибниот фонд за рекреативните и спортските риболовци да ги доведеме тука, рече Ванчо Стаменков од спортско риболовното здружение “Кочански рибар“.
Со оглед што риболовната сезона е во тек, Стаменков рече дека спортските рибовлоцви кои имаат регуларна дозвола од Здружението можат веднаш да ловат на “Гратче“. Притоа додаде дека треба да се почитуваат законските одредби оти е дозволено да земат само едно парче риба дневно со тежина до 3 кг и со должина не помала од 40 сантиметри. Исто така, предупреди дека има рибочувари и за прекршување на прописите следуваат ригорзни казни од 1000 евра и повеќе.
Тој додаде дека интересот за зачленување во Здружението е голем и бројот на членовите постојано се зголемува, а проширена е и тертиоријата на која мкоже да се лови.
- Скоро 400 ги има, сега значи ревирот кој што е според новата риболовна основа и треба од 1 јануари 2017 да стапи на сила, се зголемува и ќе биде реката Брегалница од мостот кај мотелот “Слив“ до уливот кај Злетовска Река и сите притоки и мали акумулации кои што припаѓаат во ова подрачје, зааедно со акумулацијата “Гратче“, додаде Стаменков.
Стаменков рече дека цената на државната дозвола е прифатлива за секого и изнесува 1.200 денари, поради што не очекува дека ќе има злоупотреби и нелегален риболов.
Инаку, рокот за кој е добиена концесијата е шест години и намера на нашите рибоволци е езерото “Гратче“ да влезе во распоредот на Риболовната федерација за организрање првенства во спортски риболов.
T. Aјтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.