15.12.2016 Општина Кочани планира и во наредната година да реализира привремени вработувања на лица кои ќе извршуваат работни задачи што дополнително ќе им бидат одредувани.
За таа цел на крајот од тековната 2016 распиша јавен повик за прибирање понуди од регистрираните Агенции за привремени вработувања, по чиј избор ќе се склучи договор во вредност од над 3,5 милиони денари.
Со овие пари треба да се покријат трошоците за ангажирање на 20 работници, односно за исплата на плати, надоместоци за здравствено и лично осигурување на лицата, трошоците за нивно пријавување во надлежните институции и слично. Притоа се наведува дека привременото вработување ќе биде за лица со завршено високо, средно и основно образование, во зависност од потребите што ќе се јават за конкретната услуга, а за што работодавачот, односно Општината претходно ќе достави барање до Aгенцијата - давател на услугата.
Доколку во текот на годината се јави потреба за отстапување на дополнителен број работници за вршење на привремени работи, може да се побараат повеќе од договорените 20 лица, согласно одредбите од Законот за јавни набавки. Од давателот на услугата се бара потребните лица да ги обезбеди во рок од 1 ден од доставувањето на барањето, а притоа е обврзан да врши навремена исплата на платите за ангажираните работници.
Критериум за доделување на договорот за јавна набавка е најниската цена, односно најниската понудена провизија на бруто плата на отстапен работник изразенаво проценти.
Тендерската постапка е отворена до 5 јануари идната година, а средствата за реализација на договорот за јавна набавка се обезбедени од Буџетот на Општина Кочани за 2017 година.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.