15.12.2016 Изградбата на нов кружен тек на местото на двојниот мост кај Гимнaзијaта во Кочани доби најголема поддршка од присутните граѓани на гласањето за предложените проекти во рамки на Буџетскиот форум 2017.
Со 267 бода овој проект доби приоритет за реализација, пред предлогот за уредување со бехатон плочки на тротоарите во Стришани кој имаше 34 бода помалку.
Според проектната спецификација за реализација на кружниот тек се предвидува од Буџетот на Општина Кочани да се издвојат 42 милиони денари.
Освен предлогот за тротоарите, помал број бодови добија и останатите 28 предлози, меѓу кои и набавката на специјална заштитна опрема „Темпекс“ за потребите на ТППЕ - Кочани, потоа сите тротоарски површини во централното градско подрачје да бидат прилагодени за инвалидски и детски колички, како и да се обезбеди затоплување во спортската сала Соколана.
Далеку помалку бодови имаше за проектот за санација и реконструкција на атмосферската и фекална канализација што се влева во Кочанска Река кај градскиот плоштад и што предизвикува непријатна миризба и загадување на животинскиот свет. Под 200 бода добија и предлозите за асфалтирање на влезот во село Оризари, за уредување на влезот на градот на потегот од бензинските пумпи до центарот со цветни аранжмани, како и уредување на училишниот двор во ОУ „Никола Карев“.
Според еден од модераторите на форумските сесии, Општината презема обврска за реализација на проектот што добил приоритет.
- Штом Општината изразила желба, волја да спроведе буџетски форум, значи дека мислењето за она што им е потребно на граѓаните и е битно. Всушност, тоа се покажа и во изминатите форумски сесии каде предлозите од граѓаните, посебно по програмите од третата и четвртата форумска сесија, можеме да кажеме дека на третата сесија беа дадени 59 предлози по буџетските програми, од кои Општината се произнесе за 47 од предлозите, на четвртата форумска сесија имаме околу 50 граѓански предлози и Општината се произнесе за околу 30 од нив, рече Лидија Митовска, модератор на Буџетскиот форум во Кочани.
Од вкупно 14 селектирани буџетски програми пак, најголема поддршка доби Програмата за образование на Општина Кочани за 2017 година, за која треба да се издвојат 220 илјади денари.
На завршницата од форумската сесја беше речено дека Локалната самоуправа ќе направи напори да ги реализира најприоритетните 30 проекти произлезени од буџетскиот форумски процес, а за другите кои не влегоа во листата на приоритети ќе ги има предвид како барања на граѓаните.
T. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
-3°C
Кочани