20.12.2016 Завршена е изградбата на туристичко-информативниот центар на Пониква. Во рамки на завршната работилница за постигнатите резултати од Програмата за зачувување на природата, што се одржа на 16 декември во Пехчево, беше реализирана и посета на проектот Туристичкиот информативен центар.
Со приближно 3 милиона и 300 илјади денари од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) извршена е реконструкција на зграда на Пониква, којашто е прилагодена во информативен пункт.
Според информациите од Центарот за развој на Источниот плански регион, објектот се состои од сала за состаноци и работилници, изложбен дел за информативно-туристички материјали, канцеларија и две помали простории. Исто така, инсталирано е и подно затоплување на пелети.
Главната цел на Туристичкиот информативен центар е да нуди што поголема достапност на информации за локалитетот, за спортско-рекреативниот центар Пониква, како и за Источниот регион. Исто така, Центарот ќе има за цел да промовира зачувана и унапредена животна средина, одржливо користење на енергијата, развој на различни видови туризам, како и да ги зајакнува институционалните и човечките капацитети за развој на туризмот во Кочанско.
Туристичко-информативниот центар на Пониква е објект што е во сопственост на Општина Кочани.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.