28.12.2016 56-годишен возач од Кочани, кому одеднаш му се влошила здравствената состојба и починал додека возел, предизвикал сообраќајна несреќа.
Притоа, неговиот автомобил продолжил да се движи неконтролирано и удрил во две други возила, кои претрпеле оштетувања.
Според податоците од СВР настанот се случил во вторникот околу 15,50 часот на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани.
Во полициската евиденција стои дека во критичниот момент се случила сообраќајна незгода во која учествувале патничко моторно возило хјундаи со штипски регистарски ознаки, управувано од Ј.Г. од Кочани, потоа автомобил опел астра со кочански регистарски ознаки, управувано од 29-годишниот Ј.И. од Нивичани и автомобил шкода фабија што ја управувал од О.В. од Оризари. Во незгодата на местото на настанот починал 56-годишниот Ј.Г.
Увид на местото на сообраќајната несреќа извршиле јавен обвинител и увидна екипа на ПС Кочани. Притоа бил извршен разговор со сопругата на Ј.Г., која појаснила дека непосредно пред сообраќајката најверојатно нејзиниот сопруг добил срцев удар и изгубил контрола над возилото, по што тоа удрило во другите две возила што се движеле по улицата.
Кај возачите бил направен алкотест, но не било утврдено присуство на алкохол во крвта, а од починатиот била земена крв за анализа.
По наредба на јавен обвинител над телото на починатиот не е извршена обдукција и истото е предадено на семејството за погреб.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.