03.01.2017 Возач на мопед утрово, нешто по 7 часот, бил удрен од автомобил на магистралниот пат А3, по што се здобил со телесни повреди.
Сообраќајната несреќа се случила на крстосницата кон Горни Подлог, при што автомобил марка форд не успеал навреме да застане и со предниот дел удрил во мопедот. При тоа била причинета материјална штета кај двете моторни возила, а лицето кое го управувало мопедот било исфрлено надвор од коловозот.
Веднаш била повикана итна медицинска помош, која по укажаната прва помош, повредениот го префрлила во Здравствениот дом во Кочани. - Има повреди делумно на главата, меѓутоа добро е што носел заштитна кацига, повреди на долните екстремитети и по укажаната медицинска помош е препратен на Хируршкото одделение во Кочани, рече д-р Иван Спанчевски, директор на Здравствен дом – Кочани.
На местото на несреќата увид направиле надлежните служби од кочанската Пшолициска станица, по што треба да се расчистат околностите поради кои дошло до судирот меѓу автомобилот и мопедот.
Трагите на асфалтот само го потврдуваат фактот дека т.н. Подлошка крстосница останува една од посериозните црни точки на магистралниот пат А3, каде редовно се случуваат сообраќајни несреќи. Тие, освен со материјална штета, често завршуваат и со тешки телесни повреди, па и жртви. Главна причина за сообраќајќите најчесто е несоодветната брзина на возилата и непрегледноста на крстосницата на која се приклучуваат локален пат и сервисна улица од зоната Лесна индустрија.
Според надлежните, како најсоодветно сообраќајно решение се планира заедно со изградбата на новиот експресен пат Кочани – Штип, во иднина на ова место да биде изграден и кружен тек.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.