09.01.2017 Изгоре горниот кат од трошната куќарка на улицата “14 Македонска бригада“, сопственост на семејството Ѓоргиеви од Кочани.
Огнот избувнал ненадејно околу 11 часот и за среќа во тој момент внатре немало никој. Пламените јазици зафатиле дел од покуќнината и техничките уреди што се наоѓале во една од просториите, а целосно изгорел и еден од прозорците.
Густиот чад први го забележале дел од домашните кои биле на долниот спрат, но не можеле сами да интервенираат. Веднаш го повикале сопственикот кој бил излезен од дома, а на помош притрчале и соседите.
- Доаѓам дома, запалено се, мајка ми писка, трчам, гаснам, замрзнато се, нема кој да ми помогне, комшиите во тие моменти додека се стрчаа, замрзнато, и гасевме, многу страшно беше. Се ми е изгорено и децата се исплашени, што да правам во зимно време. Пожарната доаѓаше, увиде некои работи, прашаа, реков дека не знам од што е, сигурно од сијаличките, не знам од што биде, рече Жарко Ѓоргиев, сопственик на куќата.
Освен сериозната материјална штета, за среќа во пожарот нема повредени или настрадани.
Ѓорѓиев вели дека покрај целата сиромаштија сега му се случила и ваква несреќа да остане без дом. Тој е невработен, а целото семејство се издржува од минималната пенизија на неговата мајка, поради што побара хуманите граѓани и надлежните да му помогнат.
- Еве, останав на цедило, што да правам, куќата ми е лом. Нема од никаде приход, ни социјално, ништо не земам, приходи нема. Ќе ги замолам граѓаните, државата, градоначалникот, да ми помогнат, за да има за зимното време, што ќе правам со децата и со мајка ми, и таа е болна, со неа сум, додава Ѓоргиев.
На местото на пожарот за кратко време пристигнало противпожарно возило, но во меѓувреме огнот бил локализиран, а пожарникарите направиле увид. Претпоставка е дека причина за избувнувањето на пожарот е краток спој во електричната инсталација на светилките од новогодишните украси.
Ѓоргиеви се надеаваат дека ќе добијат некаква помош за да има каде да се сместат и да можат да ги преживеат ниските температури.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.