09.01.2017 Ниските температури и снегот што обилно падна во деновите од празнувањето на Божик предизвикаа проблеми во нормалното функционирање сите служби , како и во проодноста на сообраќајниците и јавно прометните површини.
Поради подмрзнувањето, движењето по улиците и тротоарите веќе неколку дена е сериозно отежнато, а тоа особено е забележливо на одделни стрмни делови од градот, каде возилата имаат потешкотии во движењето.
ОД КЈП “Водовод“ рекоа дека нивни екипи веќе интервенирале со расфрлање сол и песок на критичните угорници, како и на мостовите на Кочанска Река, при што за разлика од претхоните 15 години, овојпат е употребена поголема количина т.н. абразивен материјал.
- Овие денови фрлавме ислучиво песок на тие температури, а претходно фрливме и сол. До овој момент, до денеска, КЈП “Водовод“ со својата механизација има расфрлано 33 метри кубни песок со гранулација 2, и околу 6 тони сол. Во претходните години маргинално трошевме, еве сега за три дена и во градот може да се види дека има доста фрлено, рече Александар Ефтимов, технички директор на КЈП “Водовод“.
Ефтимов вели дека ангажманот на комуналците е според усвоената Програма за зимско одржување на улиците и јавно прометните површини во централното градско подрачје, а за останатите локации им стојат на услуга на граѓаните.
- Многу луѓе реагираат, и со право реагираат, мислам дека секој сака да си заврши работа за себе, но можностите се едно, а реалноста е друга. Таму каде што можеме дејствуваме, а граѓаните кои сакаат, можат од Стопански двор, каде имаме сол, можат да си подигнат сол, да им дадеме и таму каде што им е неопходно, а доколку ни се создаде слободен капацитет со машините ќе одиме и на споредни улици, во зависност од слободниот термин, додава Ефтимов.
Според Ефтимов има и зголемена потрошувачка на вода за пиење, поради практиката на граѓаните да ги оставаат чешмите да течат за да не замрзнат. Во моментот потрошувачката е 180 литри во секунда, што е за 40 литри повеќе од нормалното.
Од Одделението за комунални работи при Општина Кочани пак ги потсетуваат сопствениците, односно корисниците на јавни објекти дека според Законот за јавна чистота, во зимски услови при снежни врнежи, тие се должни да го исчистат снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите.
Во спротивно, можно е глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност да му се изрече на правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не постапи според законските обврски. Истоврменео казна ќе има и за одговорното лице, а таа е во висина од 30% од одмерената глоба за правното лице.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.