11.01.2017 Нема подобрување на транпарентноста во работењето на Општина Кочани во 2016 во однос на претходната година, со што таа е сместена во групата на просечно транспарентни општини во Македонија.
Такви се добиените резултати од истражувањата што ги направил Центарот за економски анализи од Скопје, испитувајќи ја јавноста во работењето на општините и на државните институциии, односно на сите министерства во текот на минатата година.
Според јавно објавените податоци, нашата Локална самоуправа со измерена транспарентност од 52,2% се наоѓа на 40 место од вкупно 97 набљудувани општини и министерства во државата.
Во однос на 11-те општини од Источниот регион, Општина Кочани е на 5 место, зад Штип, Пробиштип, Берово и Делчево. Слично на Кочани и Чешиново-Облешево е во групата на просечно транспарентни, сместена на 55 место во државата. Останатите две локални самоуправи од регионот се оценети како слабо транспарентни, односно Виница со 37,3% е на 60-то, додека Зрновци е три места подолу од неа.
Истражувањето е направено врз основа на податоците што општините ги имаат објавено на своите веб-страници, но и според дадените одговори на доставените прашалници, а содржеле прашања за пристапот до информации, за информации за надлежностите и за услугите на општините, како и за буџетската и финансиската транспарентност.
Според генералните резултати на Центарот за економски анализи, а во кои се вклопува и Општина Кочани, институциите објавувале најмногу известувања од областа на пристапот до информации, а најмалку за буџетската и финансиската транспарентност.
Тоа беше и една од причините Швајцарската агенција за соработка и развој да помогне во подобрувањето на буџетската транспарентност, па Кочани со уште други девет општини беше вклучена во проектот за Форуми во заедницата, при носењето на предлог буџетот за 2017-та.
Дали тоа ќе помогне во подбрувањето на јавноста на носењето на главниот финансиски документ ќе се види во извештајот што Центарот за економски анализи ќе го објави догодина.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.