16.01.2017 Околу 450 семејства на улицата „Стамен Манов“ во Ромското маало во Кочани повеќе од 15 дена се без вода за пиење. Полнат во шишиња се снаоѓаат како знаат и умеат, но денеска излегоа и на протест.
Велат дека редовно си ги плаќаат сметките за вода, имаат водовод, но немаат вода.
- Од трети јануари ние немаме вода. Ова е срамота. Во кој век живееме. Редовно си ги плаќаме сметките за вода, а и лето и зиме истиот проблем. Се ни е во дефект, пукнато, замрзнато, а ние неможеме ниту да се избањаме, ова нема смисла, рече Бејзим Шаќиров, претседател на Месната заедница број 4 во Ромското маало.
И во најголемиот студ деновиве тие живеат без вода, а се соочуваат со дефекти како и сите други домаќинства, пукнати цевки, замрзнати тоалети и на сето тоа и без вода. Реагирале и до КЈП „Водовод“ од каде што добиле одговор дека немањето вода е поради дефект на водоводната мрежа.
- Бевме во КЈП „Водовод“, а од таму ни рекоа дека има некаков дефект и дека многу трошиме вода. Ако не го решат проблемот во најскоро време ќе идеме пред Фабриката за вода и ќе протестираме, рече Шаркизан Рустемов, жител на улицата „Стамен Манов“.
Оваа реакција е последна, рекоа жителите и апелираа до надлежните дека ако не се реши проблемот ќе излезат помасовно и ќе протестираат пред Фабриката за вода, се додека не ја добијат.
Инаку, не само жителите на „Стамен Манов“, туку деновиве до телевизијата стигна реакција и од жителите на улицата „Пролетерски Бригади“ во Кочани кои што се соочуваат со истиот проблем и немаат вода со денови. И тие бараат одговор од КЈП „Водовод“ и од надлежните и рекоа дека ако веднаш не се реши проблемот со водата и тие ќе излезат на протест.
Од „Водовод“ засега не добивме одговор зошто одредени семејства немаат вода со денови.
Т. Велкова
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.