17.01.2017 Водостопанство на Македонија - подружница „Брегалница“ од Кочани спроведува постапки за избор на поволен изведувач за ревитализација на десниот магистрален канал од хидросистемот „Брегалница“, како и за изградба на типски зафати кои ќе се користат за зафаќање на водите од проточните реки во Источна Македонија што ќе бидат насочени за користење за левиот магистрален канал во општините Виница, Зрновци и Чешиново – Облешево.
- Во врска со изработката на проектот и ревизијата на проектот за десниот магистрален канал, поточно сифон Свети Николе, завршена е постапката и таму е избрaн економскиот оператор што значи дека наскоро очекуваме да биде завршена изработката на проектот. Откако ќе заврши проектот ќе се пристапи кон распишување на тендер за негова изведба, рече Николчо Гоцев, директор на Водостопанство подружница „Брегалница“ од Кочани.
Гоцев додаде дека потребните финансиски средства за оваа намена се обезбедени од ИПАР програмата преку Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој. Изработката на овој проект за десниот магистрален канал е од особено значање за наводнувањето во општините Штип и Свети Николе бидејки истиот се користи во текот на целата наводнителна сезона.
Што се однесува ревитализацијата на левиот магистрален канал кој од минатата година делумно беше ставен во функција во општина Зрновци, годинава, додаде Гоцев, истиот целосно ќе биде во функција. За таа намена е изработен основен проект во кој се содржани десетина типски зафати за вода на реките Осојница, Оризарска, Зрновска, Кочанска, Злетовица и Брегалница, со цел водите од овие реки да бидат насочени и искористени по левиот магистрален канал на ХМС „Брегалница“.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.