18.01.2017 Ниту еден заболено лице од болеста овчи сипаници не е регистрирано во моментот во Центарот за јавно здравје во Кочани, ниту пак биле забележани некакви симпотоми што би укажале дека се шири зараза од неа.
Поради тоа, погрешни се објавените информации во текот на денот во некои од националните медиуми, односно на интернет порталите, дека во Кочани, Пехчево и Берово е прогласена епидемија од варичела или попозната меѓу граѓаните како овчи сипаници.
Одговорот за вистинската здравствена состојба на населението во општината и микрорегионот го побаравме од надлежните во Центарот, но во краткиот телефонскиот разговор епидемилоогот д-р Натка Каранфилова негираше дека има некаква епидемија и оти нема потреба да се коментираат неточни информации.
Центарот редовно ја следел состојбата на терен и можностите од појавата на какви било заразни заболувања, но во моментот варичела во Кочани нема, па непотребно се создава паника во јавноста.
Со оглед што се работи за идентична содржина на текстот објавен во дел од медиумите на национално ниво, може да се заклучи дека некој од нив ја изнел погрешната информација за некаква епидемија во Кочани, а останатите, во најголем број интернет портали, само го ископирале истиот текст.
Дополнителна нејасностија созадава тоа што во информацијата стои дека од почетокот на годинава со вирусот на овчи сипаници се заразиле над 500 лица, при што во Скопје за две недели се разболеле 178 луѓе, но таму не била прогласена епидемија од болеста. Најголем број од заболените деца биле во градинките и училиштата, односно на возраст до 6 години.
Со оглед што се уште трае зимскиот распуст, и необично е децата да се заразат на училиште, веројатно се работи за текст од изминатите години, што некој по грешка го пуштил како актуелен за овој период.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.