24.01.2017 Украдени се две црковни ѕвона изработени од месинг, со тежина од по 70 килограми и стари околу 150 години, сместени во камбанаријата на манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во селото Пантелеј.
Непознати сторители кражбата ја извршиле вечерта на 20 јануари наспроти 21 и кога случајот бил забележан од тамошниот свештеник бил пријавен во кочанската полиција.
- Во манастирскиот комплекс „Св. Пантелејмон“ во селото Пантелеј се случила кражба. Украдени се двете ѕвона од манастирот и со тоа е направена штета која што допрва ќе се утврдува, рече Димитар Арсовски, ѓакон.
Свештениците потенцираат дека ова не е прва кражба во манастири во Кочани, се случуваат скоро секој месец и со тоа повеќе се прави штета на црковните објекти. Затоа свештениците со апел да не се сквернават храмовите и да се роди кај луѓето стравот од Бога.
- Ваквите кражби не се непознати за нас. Минатата година скоро во сите храмови во кочанското архиерејско намесништво беа пријавени кражби. Крадците само направија повеќе материјална штета. Еве еден апел до сите луѓе кои што ги осквернуваат храмовите, да не го прават тоа и ако не од луѓето, нека покажат страв од Бога, додаде Арсовски.
Според евиденцијата во манастирската архива звоната кои што се украдени датираат од далечната 1871 година кога всушност е и градена црквата посветена на Свети Пантелејмон.
Т. Велкова
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.