25.01.2017 Задниот дел на автомобил “ауди 6“ со кочански регистерски таблички е целосно оштетен како последица на пожар.
Настанот се случил во вторникот после полноќ, а возилото стоело паркирано пред еден од угостителските објекти кај Градскиот стадион во Кочани. Според неофицијални сознанија, сопственикот на автомобилот, жител на Тркање, заедно со свои пријатели бил во ресторанот и во еден момент бил известен дека е забележан пожар на паркингот.
Веднаш била повикана противпожарната единица, која интервенирала и успеала да го изгасне пламенот. Сепак, со оглед што огнот зафатил поголем дел од пластичните и други лесно запаливи делови на “аудито“, не можело многу да се стори за да се избегне сериозна штета.
Сопственикот на возилото смета дека пожарот е подметнат од страна на негов соселанец со иницијали Т.С. со кого претходно имале расправија. Потврда дека постоела намера за предизвикување штета е што тој забележал дека претходно врз возилото била истурена запалива течност. Истото лице за кое постои сомнение дека го подметнало пожарот, се заканувало дека ќе подметне пожар и во неколку куќи во Тркање, поради што сопствениците реагираат за својата безбедност.
Увид на местото на настанот извршила и полицијата, а истрагата треба да го даде одговорот за околностите поради кои се случил пожарот. Од СВР го потврдија случајот, но рекоа дека нема да поднесуваат пријава поради тоа што немало индиции за извршено кривично дело.
Сопственикот на возилото потврди дека поради намерата на сторителот да му ја загрози личната и безбедноста на неговото семејство и на пријателите, правдата ќе ја бара на суд.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.