30.01.2017 Титулата најдобар спортист на Кочани за 2016 повторно му припадна каратистот Мартин Стојменов, член на КК “Партизан“.
Таквото признание тој го добива петта година по ред, а изборот се одржа во организација на Локалната самоуправа на Кочани, во соработка со претставник на Сојузот на спортови и на новинарите од општината.
Сепак, Стојменов со само еден поен повеќе на гласањето беше подобар од својот клупски колега Роберто Здравковски, кој се најде на второто место, и кој со слични резултати од учеството на меѓународни и домашни турнири исто така можеше оправдано да ја понесе титулата најдобар.
Понатаму на листата за спортист според добиените поени следуваат гимнастичарката Јана Николова, тенисерката Даниела Колева, гимнастичарот Стојан Атанасов, џудистот Александар Алексов, фудбалерката Верица Георгиева, кошаркарот Александар Тодосиев и фудбалерот Кристијан Блажев.
При изборот на најдобрите во категоријата млад надежен спортист за 2016 од пријавените 22 во конкуренција влегоа десетмина.
И овојпат најуспешна екипа е карате клубот “Партизан“ со оглед што во текот на минатата година неговите членови имаат освоено најмногу медали и признанија на домашните и меѓународните натпреварувања, а за надобар меѓу тренерите е избран токму нивниот тренер Оливер Коцев.
Посебни признанија за спортски личности на годината добиваат Тошо Антов, Борис Поп Горгиев и Лоранс Марков, членови на планинарските клубови “Осогово“ и “Москито“, со оглед што во текот на минатата година ги освоија сите највисоките врвови во Европа и на Балканот.
Признание за придонес во фудбалот добива и Лазар Балдазаров, поранешен голман на “Осогово“ и други клубови во Македонија, а сега тренер на голманите на кочанскиот фудбалски третолигаш.
На изборот едногласно беше решено посебно признание за афирмација на гимнастиката и спортот да му се додели на Ѓорѓи Тодосиев, поранешен гимнастичар, педагог и спортски работник, кој е е и еден од авторите на книгата посветена на овој спорт во Кочани.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.