15.02.2017 Шеста година по ред кочанското претпријатие “Екстра фунги“ е една од македонските фирми кои учествуваат на два големи меѓународни саеми за овошје и зеленчук во Германија. Се работи за најважните настани во Европа, па и во светот, во рамки на презентацијата на здрава органска храна.
До почетокот на неделата производите на “Екстра фунги“ се најдоа на саемот за овошје “Fruit logistica“ во Берлин, каде нашата фирма е традиционален учесник.
Со оглед што компанијата е извозно ориентирана, односно 95% отсто од производите се продаваат во странство, учеството на саемот е една од можностите да се обезбеди пробив на пребирливиот европски пазар на кој има огромна конкуренција.
Според сопственикот на “Екстра фунги“, Сашко Антовски, сигурната и долготрајна соработка со локалните земјоделци и собирачи на шумски плодови од цела Македонија овозможуваат фирмата да биде претпознатлив бренд кај странските партнери. Годинава на саемот во Берлин таа се претстави со проширена палета готови производи што наскоро ќе се најдат и во продажната мрежа во Македонија.
Во меѓувреме, кочанската компанија ќе се претстави и на саемот “Biofach 2017“ во Нирнберг, кој што веќе започна и ќе трае до крајот на неделата. Се работи за најголем светски саем за храна од органско производство, каде “Екстра фунги“ има изложено палета готови производи за кои од август минатата година поседува сертификат дека се био-органски продукти. Антовски додава дека од веќе остварените контакти, европските фирми покажуваат голема заинтересираност за оваа храна, со што се отвора можност за влез на европскиот пазар.
Инаку, “Екстра фунги“ започна како семеен бизнис уште во 1988 година со откуп на шумски плодови, а во 2007 беше направен голем пресврт во работењето со изградбата на модерен објект со ладилник и преработка на производите. Во 2013 година беше направено проширување со изградба на уште еден објект, по што работењето беше проширено и во областа на откупот и преработката на овошјето.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.