16.02.2017 Единствениот отчет што може да го даде градоначалникот Ратко Димитровски е отчетот на долгови и кредити со кои ја презадолжи Општината во последните четири години, беше речено на прес конференцијата на Општинската организација на СДСМ од Кочани на која зборуваше нејзиниот претседател Сашко Костов.
Според него, Димитровски ќе остане запаметен единствено по промашените проекти и огромните долгови кои ќе ги плаќаат и генерациите кои доаѓаат.
- Благодарение на катастрофалните политики на локалната власт, денес Кочани има кредити во висина од два милиони евра и долг за бесплатниот училишен превоз и за другите неподмирени обврски на училиштата од уште два милиони евра.
Можеби има уште некој милион за кој граѓаните допрва ќе дознаат! Иако ја презадолжи Општината, Димитровски не спроведе ниту еден капитален проект од неговата програма. Во градот речиси и да нема улица што не е раскопана и оштетена, дури и новоасфалтираните, на пример „9 Мај“, „Стево Теодосиевски“, „Љупчо Сантов“, но и „шарените улици“ во Прокарка. Нема ниту искористување на геотермалната енергија, а не е изграден ниту затворениот градски базен со кој Димитровски толку многу се фалеше. Овие, како и многу други проекти останаа само на хартија, во предизборната програма на сегашниот градоначалник, рече Сашко Костов, претседател на ОО СДСМ – Кочани.
Костов рече дека младите масовно го напуштаат Кочани, земјоделците се разочарани и изневерени, а единствени кои живеат добро биле Димитровски и неговите соработници.
- Господине Димитровски, тоа кажете им го на граѓаните, а не пумпајте лажни должини на потпорни ѕидови, огради и тротоари што не сте ги изградиле ни за осум, а не за четири години. Затоа, на Кочани му е потребна нова одговорна локална власт, додаде Костов.
По неодманешните промени на парламентарните избори, според Костов промени доаѓаат и на локално ниво. На пресот тој рече дека Кочани ќе добие нова чесна и одговорна власт, која наместо за личните и партиските интереси, ќе се грижи единствено за интересите на граѓаните.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.