20.02.2017 Евица Стојанова со темата „Мало кралство“ ја воодушеви публиката со убаво украсена трпеза покажувајќи ги своите вештини во кулинарството. Собра најмногу гласови од публиката и жирито и се закити со титулата „Вешта жена“ на Кочани за 2017 година.
Taa ќе го претставува градот на републичката манифестација во Тетово.
Годинава три натпреварувачки и една за Гран при награда собраа храброст, одвоија време, вложија труд да подготват свечено украсени трпези што на крајот им се исплати.
Според гласовите на жири комисијата кои го сочинуваат жени победнички на општински манифестации од повеќе градови од државата, прво место во категорија „Вкус на главно јадење“ освои натпреварувачката Љубинка Ангелова со темата „Љубовна маса“. Во категоријата „Општ впечаток“ најмногу гласови доби Делхана Максудова со темата „Музички инструмент“ и прво место во категоријата „Декорација на десерт“ доби победничката Евица Стојанова.
Признание и награди доби и натпреварувачката за „Гран при“ награда Даниела Милутиновиќ која за да се натпреварува за оваа награда условот е претходно да има учествувано три пати во “Вешта жена“. Сите учеснички добија диплома од „Вешта жена“ и подарок од спонзорите како и цветни аранжмани.
„Вешта жена“ годинава го одбележа својот јубилеј 25 години постоење и организирање во Кочани. Годинава за прв пат учествуваше и жена од ромска националност со што „Вешта жена“ уште еднаш потврди дека нема предрасуди во однос на поделби по националност во манифестацијата. Водителка и годинава беше атрактивната Ирена Спировска.
За забавата се погрижија членовите на групата „Харем“, а на манифестацијата беа доделени и награди од спонзорите меѓу кои и главната награда патување на Јадранското море со вештите жени.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
-5°C
Кочани