23.02.2017 Дупки наместо решетки за атмосферска канализација се појавија на повеќе улици во Кочани, со што безбедноста во сообраќајот е сериозно загрозена.
Возачите се принудени да ги заобиколуваат оштетувањата, доколку навреме ги забележат, во спротивно се принудени да поминат преку нив, ризикувајќи штета на возилото, па дури и посериозни последици за себе и за другите учесници во сообраќајот.
Негативни реакции имаше повеќепати до сега, со барање надлежните да преземат мерки за поредовно одржување на решетките, особено на пофреквентните улици каде секојдневно поминуваат илјадници возила. Забелешка за опасноста што им се заканува на возачите беше упатена и на седницата на Комисијата за комунални работи.
- Решетката кај Поштата е пропадната, во моментот сега е пропадната, има поголема дупка направено и може да предизвика несреќни последици. Да ја искористам приликата да упатам еден апел, може и вие да пренесете, од тоа јавно комунално претпријатие некој да излезе на терен, да ги санира тие решетки бидејќи може да дојде до несакани последици, рече Јордан Димитров, член на Комисијата за комунални работи.
Оценка на членовите на Комисијата за комунални работи беше дека рештките попуштаат поради недоволното затегање на држачите, особено после чистењето на наталожените отпадоци во каналите под нив.
- Кога прочистуваат некоја од тие решетки пак треба да ја вратат, да биде добро заштрафена, кога ќе погледнеме таму има штрафови, метални, треба да се заштрафи за да не дојде до поместување на самата решетка и пукање, оштетување, рече Спиро Георгиев, член на Комисијата за комунални работи.
Од општинската админстрација потврдија дека надлежностите за одржување и замена на решетките му биле преотстапени на КЈП “Водовод“, а по реакциите на граѓаните и тие ќе интервенираат замената и поправките на оштетувањата побрзо да се реализираат.
- Неколку пати апелираме и на колегиуми, мислам дека треба да си преземат мерки, бидејќи не е само да се заменат, туку треба и штрафови, секоја решетка си бара одржување, така и утрово ја виодовме таа решетка што недостасува, ќе ги известиме во КЈП, иако и тие ги знаат и поставуваат пиони онаму каде што е оштетено, рече Влатко Димитров, Сектор за урбанизам на Општина Кочани.
Поплаки од граѓаните за неодржување и проблеми со движењето на возилата има скоро за сите локации на кои со проектот за изградба на атмосферска канализација беа поставени решетки од специјална пластична маса. На таков потег се решија од Локалната самоуправа, поради тоа што металните решетки и капаците на шахтите се крадеа и се препродаваа како отпадно железо.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.