24.02.2017 Дваесет и четиригодишен жител на кочанското село Зрновци онесвестен и со повреди од убодна рана е пронајден во својот дом.
Со оглед на сериозноста на повредите веднаш била повикана лекарска екипа која по кратката интервенција и укажаната прва помош веднаш го префрлила лицето во болница.
Од МВР го потврдија случајот, информирајќи дека во четвртокот околу 13.30 часот во Зрновци во бањата од сопствената куќа бил пронајден 24-годишниот К.Г. Притоа е констатирано дека во пределот на стомакот тој имал убодна рана што најверојатно била нанесена со нож.
Медицинските лица кои дошле да помогнат го нашле повредениот во состојба на бессознание, по што со возило на итната помош го однеле во Општата болница во Кочани. Дополнително било утврдено дека се работи за сериозни повреди, поради што момчето било пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.
Дали се работи за напад од друго лице или пак дошло до самоповредување, од полицијата не соопштуваат.
Во кусото известување од СВР велат дека преземаат мерки за целосно расчистување на околностите поради кои настанала повредата.
T. Aјтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.