28.02.2017 Виница по седми пат ќе биде домаќин на возобновените Тодорови трки.
Годинава во натпреварувањата ќе учествуваат над 300 учесници во десет различни дисциплини. Од причина што Виница е град на хуманоста, предзнак на претстојните Тодорови трки ќе биде хуманоста, односно за прв пат ќе бидат хуманитарни.
- Дисциплините остануваат исти, а учество ќе земаат учениците од основните училишта и средното, од детските градинки. Средствата што ќе ги собереме од Тодоровите трки годинава ќе бидат наменети во хуманитарни цели, односно ќе оцениме на кои луѓе им е потребна помош и на тие ќе им помогнеме, рече Емил Дончев, градоначалник на општина Виница.
Годинава, додаде Дончев, имаше и големо расположение од компаниите да помогнат дополнително повеќе заради хуманитарниот карактер на трките.
Манифестацијата е поврзана со одбележувањето на верскиот празник Тодорова сабота, а нејзиното возобновуавање го покрена Општината за да не се заборават спортските обичаи што пред стотина и повеќе години ги практикувале нашите предци. Трките почнуваат в сабота во 11 часот на градскиот стадион во Виница.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.