02.03.2017 Редовни тренинзи што се одвиваат трипати неделно имаат членовите на БК “Спартак“ , а целта е кондиционо и технички да се подготват за претстојните настапи.
Од Управата и стручниот тим на клубот велат дека по подолг период потворно е вратен ентузијазмот и желбата за спортување, поради што се прават напори борењето барем малку да се врати на поранешните патеки.
Поддршка за таквата цел имаат и од Боречката федерација на Македонија, чие ново раководство за краток период им овозможило, пред се на младите борачи, да учествуваат на натпревари, за што беа организирани два борачки кампа и двце државни првенства за кадети и јуниори.
Според Кире Дамајанов, тренер на БК “Спартак“, таквите активности придонеле и за успех на нашата екипа, при што младите членови Столе Ефтимов и Петар Костов го освоија второто, односно третото место.
- Направивме пререгистрација на сите, условно кажано повозрасни борачи кои беа во клубот, ги регистриравме, ја составивме сениорската екипа на клубот, што сепак не ни е главна цел. Најголем акцент, за што имаме и програма, е за најмладите и најновите членови во клубот. Сакам да упатам апел до љубителите на борењето во Кочани и пошироко, знаеме дека Кочани изобилува со таленти за овој спорт, да дојдат во спортската сала секој понеделник, среда и петок во 19 часот, пред се да се дружиме, а потоа да се едуцираме, да спортуваме и заедно да направиме успеси, рече Кире Дамјанов, тренер на БК “Спартак“.
Дамјанов вели дека има добар интерес меѓу младите за членување во “Спартак“, иако клубот во моментот нема спонзор и работи со скромни средства што ги добива единствено од општинскиот буџет преку програмата за спорт.
Како резултат на активноста на стручниот штаб и на борачите, за претстојниот викенд е закажано учество на Државното превенство за сениори што ќе се одржи во Радовиш. По подолг период за “Спартак“ ќе настапат повозрасните членови, потврда за учество на првенството за сега е добиена за шестмина борачи, а се прават напори да учествуваат уште двајца.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.