07.03.2017 Ниту еден месец во исправна состојба не издржаа реквизитите на новото спортско игралиште во месноста Колерски гробишта, во населбата Трајаново Трло. Искршени се сите обрачи на кошевите, мрежичките се искинати, а има оштетувања и кај заштитната ограда на теренот.
Дали поради несовесност на нашите сограѓани или поради слаб квалитет на материјалот, металните кошеви се преполовени, а дел од нив се расфрлани на асфалтното игралиште.
Дополнително, во околината на спортското игралиште насекаде се расфрлани отпадоци, со што поранешната дива депонија повторно заживува.
Со тоа не се остварија очекувањата на надлежните од општинската администрација кои на денот на предавањето во употреба на спортските терени и на детскиот парк во близина, рекоа дека целиот комплекс треба заеднички да се чува.
- Искрено очекувам дека овие наши сограѓани ќе го чуваат најповеќе од сите, без разлика што ги бие глас дека тие се оние кои ги уништуваат и другите и дека ќе го уништат и ова овде. Очекувам дека сепак ќе биде зачувано во таква форма каква што е сега, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Во меѓувреме од Општината доставија писмен допис дека е направен увид во состојбата со детските, со повеќенаменските игралишта и со спортските сали со кои стопанисува Локалната самоуправа, со цел да се извршат неопходните поправки. Според извештајот на службите, констатирани биле оштетувања на лулашките и на спортските реквизити и опремата, поради што во наредниот период ќе се реализирала нивна поправка.
Дополнително се најавува дека ќе се преземаат акции со синхронизирано дејствување на полицијата и комуналните редари од Општина Кочани, а за соработка ги повикуваат и граѓаните кои ќе бидат сведоци на вандалско однесување кон јавното добро, таквите случаи да ги пријават на телефонскиот број на Општина Кочани.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.