08.03.2017 Повеќе од очекуваното постигнаа борачите на БК “Спартак“ на Државното изборно првенство за сениори и кадети што се одржа во Радовиш. Во силна конкуренција тие се закитија со два медали и освоени второ и трето место.
По повеќегодишна неактивност и неучество на првенствата, конечно првите луѓе во клубот изнајдоа сили и можности да се појават на изборот меѓу најдобрите во државата.
Вкупно десет клубови со 60-тина учесници се натпреваруваа во сите категории во борбата за пласман, а “Спартак“ учествуваше со четири борачи во сениорска и еден во кадетска конкуренција, кои освоија по еден сребрен и бронзен медал.
Доста убедлив во настапот во сениорска конкуренција беше нашиот Александар Павлев кој во категоријата до 74 килограми постигна три победи, а доживеа еден пораз, што на крајот му го донесе второто место. Дополнителна потврда за добрата подготвеност и успехот на кочанскиот борач е што иако се здоби со повреда во текот на првата борба, сепак достојно им се спротивстави на останатите противници.
Во категоријата до 125 килограми Иван Викиќ го освои третото место и бронзениот медал. Останатите борачи немаа пласман меѓу најдобрите три во своите категории, односно Столе Ефтимов до 84 килограми беше петти, а Стојанче Стојчев го осови 6 место. Младиот Христијан Георгиевски го имаше својот прв официјален настап во кариерата.
Ваквите резултати на борачите на “Спартак“ можат да се сметаат за повеќе од успешни, а добро е и тоа што по подлг период повеќето од нив кои настапуваа за други клубои, конечно се вратија во матичниот клуб.
Инаку, Државното изборно првенство во Радовиш се одржа во организација на БК „Бучим“ и Федерацијата на боречки спортови на Македонија.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.