08.03.2017 Наместо да ги потрошат за прослави во угостителски објекти, дел од вработените во Општина Кочани решиле годинава средствата за одбележување на 8 Март да ги пренаменат за скромни подароци што им ги дадоа на други припаднички на понежниот пол.
Организирано посетија неколку жени кои се на постара возраст, немоќни и болни, за да им го честитаат празникот.
- 15 жени од Општина Кочани се одлучија на овој поинаков начин ан одбележување на 8 март, на списокот имаме 20 жени што денеска треба да ги посетиме, и нека биде ова еден исчекор за нас и за сите останати, дека 8 март, денот на жената може да се одбележува и на поинаков начин, рече Аника Илијевска Ѓоргиева од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани. Меѓу старите и немоќни жени кои претставничките од Општината ги посетија беше и Љубинка Давидовска, поетеса од Кочани.
- Посебно ми е денеска мило, за мене е посебен ден денеска, не се чувствувам никогаш осамена затоа што мојата куќа секогаш е полна со гости, само треба да ги извадам од витрината и да ги ѕирнам за да ми зборуваат, мислам на книгите. Денеска посебно ме изненадивте, посебно ми е драго и многу ви благодарам, рече Љубинка Давидовска.
Со оглед што годинава за прв пат по повод 8 Март организираа посета на стари жени, претставнициите од Општината рекоа дека сакаат овој начин на одблежување на празникот да стане традиција и во наредните години.
Т. Ајтовска
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.