10.03.2017 Над 35 милиони 500 илјади евра достигнаа долговите на основните и средните училишта во општина Кочани, само по основ на обврските за бесплатниот превоз на учениците.
Зголемувањето на минусното салдо се одвиваше во изминатите неколку години со оглед што се доцнеше со плаќање на услугите кон превозникот кој го реализира транспортот.
Единствена причина поради која сметките на училиштата се уште не им се блокирани е што претпријатието не покренало судски тужби за наплата на побарувањата, па долговите книговодствено се книжат како неутужени обврски.
Според доставените податоци од образовните установи чиј основач е Општина Кочани, на крајот од 2016 година најголемо учество, со околу 75 отсто од долгот за превоз на учениците, има СОУ “Гошо Викентиев“. Таму сумата што е прокнижена како обврска за оваа услуга достигнува над 27 милиони и 300 илјади денари.
Долгот на другото средно училиште изнесува околу 10 отсто од оваа сума, односно не е подмирена обврска од 2 милиони и 658 илјади денари. Останатите пари ги должат основните училишта, што во споредба со претходните две може да се смета за занемарлива задолженост.
На крајот на минатата година беше речено дека Локалната самоуправа планира големиот долг кон транспортното претпријатие да го решава со префрлање од една на друга ставка во буџетската сметка и со кратење на средствата за одредени редовни трошоци во работењето на образовните установи.
Тогашните пресметки на финансиските служби во Општината покажуваа дека на тој начин би се добиле околу 16 милиони денари за подмирување на обврските за превоз, а со дел од парите би се покривале и трошоците за тековната година. Дали ќе се постигне очекуваниот ефект од операцијата ќе се знае по извештајот за работењето што училиштата ќе треба да го поднесат за првото тромесечје од оваа година.
Според законските одредби Локалната самоуправа има обврска да обезбеди организиран бесплатен превоз за учениците кои живеат на оддалеченост поголема од 2,5 километри од училиштето, при што со таквата можност се опфатени околу 1200 ученици кои се школуваат во четирите основни и двете средни училишта во Кочани. Освен за учениците кои се жители на нашата општина, бесплатно ќе се возат и ученици од Делчево, Берово, Виница, Пробиштип и другите помали општини во источниот дел на државата кои се школуваат кај нас.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.