13.03.2017 Викендов членовите на ПСД “Осогово“ доживеале сериозна опасност да настрадаат од заскитан куршум на маршот што го реализирале во атарот на селата Пантелеј и Рајчани.
Ненајавената хајка на штетен дивеч што ја имале ловците од регионот придонела планинарите да се најдат токму на теренот каде што се пукало, па само присебноста на поискусните од групата помогнала да се извлечат без никакви последици.
Во реакцијата упатена до нашата редакција велат дека тоа не е прв случај на “блиска средба“ со опасноста да бидат погрешна мета за љубителите на ловот на дивеч. Токму поради тоа апелираат до ловечките здруженија, но и до сите ловци поединечно дека излегувањето на лов без да се даде информација во јавноста за тоа, е опасност за сите граѓани кои планинарат или рекреативно престојуваат во Осоговијата.
Посебно, таквите известувања е потребно да се дадат за време на викендите кога раздвиженоста во планината е поголема.
Втората причина поради која планинарите реагираат е масовното фрлање отпадоци во планинскиот регион. Голем број граѓани-рекреативци по престојот во природа оставаат купишта ѓубре, пред се пластика и други тешко разградливи материи, поради што падините на Осогово веќе наликуваат на депонија. Најзагадена е околината на познатите локалитети што се дел од туристичкиот потенцијал на регионот, поради што планинарите реагираат за ниското ниво на култура и одговорност спрема природата.
Исто така бараат од членовите на мото-клубовите, посебно од љубителите на екстремните спортови во планина, да внимаваат на планинарите и другите лица кои се движат по обележаните патеки. Брзината на движење да ја прилагодат според условите за да не ја загрозуваат безбедноста на организираните планинарски групи, во кои редовно има и малолетни лица, велат од ПСД “Осогово“ во нивната реакција до медиумите.
T. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.