16.03.2017 Лоциран во зградата „Топ инвест“ во Штип, на површина од 2.200 метри квадратни, синоќа во присуство на голем број деца и возрасни беше отворен забавниот клуб „Нико“ каков што нема во Македонија.
Единствен и уникатен со своите содржини забавниот клуб „Нико“ им нуди прослава на родендени за деца од 1 до 15 години, но не се заборавени ниту повозрасните. Има содржини и за нив, како и за млади, кафе-бар со пијалоци и храна, како и фан-шоп „Нико“ во којшто се нудат текстилни производи и играчки.
- Имаме содржини за сите возрасти, билијард, пикадо, фудбали, 7D кино, а нудиме и игри 9D кои што се тренд во светот. Како што можете да видите децата се радуваат, се забавуваат, ова е голем благодет за нив, се потрудивме да направиме нешто што недостасуваше тука во Македонија. Овој забавен клуб го направивме не само за граѓаните на Штип, туку и за цела Македонија. Очекуваме гости од целата држава, а највеќе од Скопје. Сакавме да донесеме нешто светско тука, луѓето да видат како треба да изгледа и на каде треба да се движиме, рече Ацо Николовски, сопственик на забавниот парк „Нико“.
Освен роденденски забави за помали, во забавниот клуб „Нико“ можат да се организираат и родендени и за поголеми деца и забава за цело семејство, значи има содржини за сите возрасти, од 7 до 77 години. Со оглед на тоа дека е најголем забавен клуб во Македонија и пошироко и со најголем избор на содржни, Николовски истакна дека станува збор за голема инвестиција, но додаде дека во Штип вреди да се вложува бидејќи со вакви инвестиции ги привлекуваат луѓето да доаѓаат во овој град со цел да заживее општината уште повеќе.
Инаку, во забавниот клуб „Нико“ ќе има околу 20 вработени, а цените ќе бидат прикладни за сите граѓаните 180 денари за роденден чини најмалиот пакет со вклучени пијалок и грицки и парче пица, а содржините што ги нуди клубот ќе се движат од 50 до 150 денари. 7D киното чини 150 денари.
Отворањето беше наменето за пријатели и гости проследено со забава и музика. Така ќе биде уште оваа недела, кога од понеделник клубот и официјално ќе стартува со работа.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
24°C
Кочани