22.03.2017 Во Кочани и понатаму продолжуваат протестните собири и маршеви на граѓаните кои ја поддржуваат иницијативата „За заедничка Македонија". И во вторникот попладне граѓаните повторно тргнаа од градскиот парк по улиците на градот, скандирајќи пораки насочени кон зачувување на унитарноста на Македонија.
Присутните на собирот рекоа дека со изразувањето поддршка застануваат против редефинирањето на државата и воведувањето на албанскиот јазик за втор службен јазик.
Сличен собир попладнето се одржа и во Зрновци, при што беа искажани идентични ставови за актуелните политички случувања, посебно против прифаќањето ан платформата на албанските партии.
- Браќа, по име, по јазик, по знаме, по исто парче небо, се надеваме дека нашите зборови, нашите свирежи, нашите чекори ќе стигнат до вашите срца и разум и дека вие ќе се откажете од платформата во интерес на нашата, вашата, и иднината на нашите деца. Ќе помогнете веднаш да се создаде меѓусебниот мир и слога, колку поскоро, толку подобро за сите нас. Да сте вечни и вековите Македонци, беше речено на протестите.
- Испраќаме порака до сите чинители дека не ја сакаме платформата, не сакаме федерализирана Македонија. Ние сакаме Македонија една и единствена. Двојазичност низ целата територија не ни е потребна. Посебна порака до тебе, еврокомесаре Јоханес Хан, немој, откажи се, не ги притискај политичарите да потпишуваат платформа, да прифатат платформа создадена од друга држава, а ги игнорираш граѓаните, илјадници граѓани на Република Македонија кои секојдневно се по улиците, беше речено на протестот во Зрновци.
Граѓаните кои ја поддржуваат иницијативата „За заедничка Македонија" рекоа дека нема да се откажат од ставот за одбрана на државата, се до комплетното отфрлање на спорната албанска платформа. Притоа најавија дека протестите продолжуваат и во наредните денови во истиот термин.
T. Aјтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
5°C
Кочани