10.04.2017 Вработените во водостопанската подружница “Брегалница“ ги завршија подготвителните работи за почетокот на овогодишната наводнителна сезона.
Официјалното пуштање на водата во каналите се планира за вторник, 11 април, односно неколку дена порано од минатата година. Со тоа ќе се исполни планираниот рок за навремен старт на новата оризопроизводна сезона.
За почеток пуштањето на водата во нивите ќе се реализира со зафаќањето на Оризарска Река, за што градежната механизација ги заврши подготвителните работи.
Во наредните денови ќе се пушти водата и во дел од атарот на Кочани, односно Грдовци, каде исто така ќе се користат количините со кои располагаат реките.
Според надлежните од Водoстопанската подружница, целта е максимално да се искористи капацитетот на проточните води, за да се заштедат акумулираните количини во вештачките езера од хидросистемот. Иако беше вообичаена практика во десниот магистрален канал да се пуштаат мали количини вода за да се направи негово прочистување, сепак тоа годинава ќе изостане за да нема никакви загуби.
Од Водостопанство велат дека годинава навреме ќе биде пуштена и водата во оризовите ниви во Облешевско, односно во месноста Лака, каде исто така е направен зафат на проточните води.
Инаку, со измените на годишниот план на наводнување дојде до преполовување на површините што ќе се сеат со ориз, па од почетните 5.100 хекатри, засега се калкулира со околу 2.500 хектари. Тоа се должи на лошата хидролошка состојбата во акумулациите од хидросистемот “Брегалница“, а пред се во браната Калиманци каде во моментот има нешто повеќе од 65 милиони метри кубни вода.
T. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.