03.05.2017 Како што беше планирано, од рано изутрината пуштена е водата од браната Калиманци по двата магистрални канали од хидросистемот “Брегалница“.
На тој начин се обезбедуваат дополнителни количини што се потребни за полнење на оризовите ниви, со оглед што до сега за таа цел се користеа само проточните води од реките во регионот. Дел од водата ќе биде наменета и за земјоделските површини во другите општини кои исто така се опфатени со планот за наводнување од хидросистемот.
Од водостопанската подружница “Брегалница“ велат дека хидролошката состојба и понатаму е неповолна, но принудени се да ја пуштат водата по магистралните канали за да им се излезе в пресрет на потребите на земјоделците, бидејќи се уште голем дел од оризовите површини се суви и непосеани.
- Во моментот се испуштаат 8 метри кубни вода од кои 4,5 метри кубни по десниот магистрален канал и 800 литри по левиот магистрален канал за негово измивање. Од 4,5 метри кубни кои се пуштени по десниот магистрален канал, 4 метри кубни се за оризовите полиња, а само 0,5 метри кубни се испуштаат до Свети Николе за измивање на каналот. Исто така, во реката Брегалница се испуштаат 2,7 метри кубни за да се засили водата во реките. Тоа значи дека сите реки се на најминимално ниво до сега, во последните 20 години, и Осојница, и Брегалница и Кочанска и Оризарска Река се со неверојатно низок водостој, рече Николчо Гоцев, раководител на водостопанската подружница “Брегалница“.
Од водостопанската подружница “Брегалница“ апелираат водата од хидросистемот да се користи што порационално, односно навремено и по редослед да се врши полнење на оризовите ниви за да се намалат загубите, односно истекувањето на водата во речните корита. Нивото на вода во акумулацијата Калиманци и понатаму е под просекот за овој период од годината, а поради малиот доток и испуштањето ќе се врши според планот за наводнување.
Што се однесува до неодамнешните загадувања на реките во регионот, Гоцев вели дека се уште нема официјална информација дали се откриени загадувачите и какви мерки се преземени против нив.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.