08.05.2017 Општина Чешиново-Облешево доби половно противпожарно возило што ќе го користи за сопствените потреби. Во рамки на добрата меѓуопштинска соработка и го донираше Општина Кочани, односно Територијалната противпожарна единица.
Со оглед на големиот број пожари и интервенции, пред се во гасењето оган на отворен простор на територијата на соседната општина, возилото ќе помогне во поефикасното справување со огнената стихија.
На примопредавањето на возилото присуствуваа градоначалниците од двете општини, а од кочанската ТППЕ рекоа дека се работи за модифицирано комби што може да одговори на потребите за кои е наменето.
- “ТАМ“, кое што е специјално противпожарно возило, истото може да носи осум пожарникари, односно осум лица во случај на потреба. Ние од наша страна му вградивме и резервоар за вода со носивост од 1000 литри, што можат дополнително да го искористат во случај на потреба.Можеби ова возило ќе и послужи на територијата на Чешиново-Облешево, односно на комуналното претпријатие, затоа што и самата Локална самоуправа треба да ги формира оние единици за заштита и спасување, првенствено тие да реагираат, па потоа доколку има поголема потреба или интервенција да се вклучиме ние како противпожарна единица, рече Дејанчо Арсов, командир на ТППЕ – Кочани.
Градоначалникот на Чешиново-Облешево, Костадин Личков рече дека за почеток противпожарното возило ќе му биде ставено на располагање на општинското комунално претпријатие.
- Нашата општина е општина која нема противпожарна единица, ние сме во размислување да направиме таква единица. Сега сме на размислување да го отстапиме на самото комунално претпријатие. Тоа ќе ни биде од голема корист со тоа што и самото комунално претпријатие ќе има потреба да излегува на терен со него и за сите можни потреби на граѓаните на општината Чешиново-Облешево, рече Костадин Личков, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Преотстапувањето на противпожарното возило е без финансиски надомест, за што Советот на Општина Кочани донесе едногласна одлука на седницата одржана на 26 април годинава.
Од ТППЕ посакаа возилото што помалку да се користи за намената за кое е произведено, односно да има што помалку интеревнции за гасење пожари, пред се поради палење на стрништа и сува трева, а за што минатата есен и пролетва кочанските пожарникари имаа дваесетина интервенции само на територијата на Чешиново-Облешево.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.