08.05.2017 Градежна машина прекопа канал покрај оризовите ниви во атарот на селата Горни и Долни Подлог со намера да се обезбеди вода за наводнување од коритото на Кочанска Река.
Надлежните од водoстопанската подружница излегоа на терен откако добиле дојава дека некој има намера да сее ориз на површини што оваа година не влегоа во планот за наводнување. Нивна оценка е дека се работи за неовластено копање на каналот, односно непочитување на претходно усвоениот изменет план со кој се редуцираа поголем број оризови ниви.
На лице место беше направен увид во работите за ископ, со барање тие да престанат за да не се загрозат остананатите површини што веќе се засеани со други земјоделски култури.
- Моментално е ископан дел од вадата и е оставено да се зафати бент во самата река и да се врши неовластено наводнување на ориз. Тука некаде треба да се зафати вода за 30 хектари, од кои дел се посеани со пченка, компир и други култури, така што со ова ќе се направи една огромна штета на луѓето кои секојдневно доаѓаа кај нас и не прашаа дали ќе биде под ориз или не. Ние им кажавме дека површините се к`рски и слободно можат да ги сеат нивите. Оваа вода што ја гледате и од самите снимки, е од фекалиите што се испуштаат во самата река, рече Јане Атанасов, вработен во водостопанската подружница “Брегалница“.
Атанасов додаде дека редуцирањето на ова поле е поради лошата хидролошка состојба оваа година и недостигот од вода за наводнување.
Жителите на Горни и Долни Подлог пак, сметаат дека се онеправдани, бидејќи годинава воопшто нема да се сее ориз во атарот на двете села.
- Е, па добро, ние не можеме ли 200 литри вода да добиеме, да посееме, со истата вода ќе го сееме и Долни Подлог, ќе сееме и тука, значи некој си ја налага волјата. Единствени полиња во целата општина што не се застапени со една бразда ориз. И лани и полани, ние ги земаме под концесија за ориз да сееме, што ќе биде на овој песок ако не е ориз. Натаму, тоа е бара, само жолта трева никнува или ориз. Имаме, се е одводнето со канали, одводна е реката, одводен канал овде и одводен канал таму имаме. Значи нема површина што може да се загрози, рече Миле Манчов, претседател на МЗ Горни Подлог.
Земјоделците од Подлог рекоа дека ископот на каналите го прават на сопствен трошок, а нема да користат вода од хидросистемот Брегалница. Прашуваат зошто се изземени од планот за наводнување кога полето во нивниот атар лежи на вода.
Од водостопанската подружница пак, остануваат на ставот дека ред и дисциплина во почитувањето на годишниот план за наводнување мора да има за да не се наруши користењето на намалените наводнителни капацитети со кои се располага оваа сезона.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.