09.05.2017 Младите кошаркари од генерациите 2005 и 2007 на “Баскет Дино“ се вратија со освоени први места од 6. меѓународен кошаркарски турнир “Рода куп 2017“ што се одржа во Бечеј, Република Србија.
Тоа е одличен успех за двете екипи кои учествуваа во категоријата М10 и М12, со што го подобрија постигнатото од минатата година кога на истиот турнир го освоија второто место.
Според информациите од организаторот, на турнирот имало над 450 кошаркари од 33 екипи од Србија, Црна Гора, Македонија, Словенија, Унгарија и Романија, а биле поделени во машка и женска конкуренција. Момчињата се натпреварувале во пет, а девојчињата во две возрасни категориии.
Момчињата на “Баскет Дино“ од генерацијата 2005 во првото коло ја совладале екипата на “Зедеак“ од Унгарија со 37:31. Победи биле забележани и во наредните кола и тоа против “Топола“ од Бачка Топола со 39:33, потоа против екипата на “Ајдовшчина“ од Словенија со 31:16 и повторно против унгарскиот “Зедеак“ со 32:25. Во петтото финално коло нашите млади кошаркари го совладале и вториот претставник од Македонија, екипата на “Ролинг“ од Струмица, постигнувајќи победа од 30:26, со што на крајот се закитиле со златни медали.
Освен колективниот успех, кошаркарите на “Баскет Дино“ забележале и поединечни резултати. Така, за најкорисен играч на турнирот во својата генерација е прогласен Филип Димитриев, а тренерот на екипата Сашо Лазаров го доби признанието најдобар тренер.
Слично на своите повозрасни клупски колеги, и кошаркарите на “Баскет Дино“ од генерацијата 2007 постигнаа ист успех. Во првото коло тие ја победиле екипата на “Баскет 2000“ од Бања Лука со 32:30, при што до успехот дошле во продолжението, откако во регуларниот дел натпреварот завршил нерешено, 25:25. Во наредните кола биле постигнати победи и против “Мионица“ од Србија со 25:16 и против “Јединство“ од Нови Бечеј со 22:21. Во финалето нашите момчиња за противник ја добиле силната екипа на “Велика Кикинда“, но ја совладале со убедливи 38:14.
Со тоа и тие на крајот го прославија освојувањето на првото место и златните медали во својата група.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.