11.05.2017 Блокирањето на сообраќајот во северниот дел на Кочани е проблем што се повторува секој четврток поради метежот околу градскиот пазар.
Улиците на кои се поставени тезгите, како и околните сообраќајници на кои се паркирани возилата на купувачите и продавачите, ги оневозможуваат јавните служби во извршувањето на нивните основни обврски. Таков е случајот со итната медицинска помош и со Територијалната противпожарна единица.
Типичен пример за тоа беше утринското отежнато пробивање на противпожарното возило по улицата “Гоце Делчев“ која во периодот од 8 до 16 часот практично е затворена за секаков вид сообраќај. Залудни беа звучните и други сигнали на пожарникарите да се ословбоди коловозот за да може навремено да се интервенира. На возилото му беа потребни повеќе од десет минути за да го помине растојанието од 500 метри од мостот кај плоштадот до џамијата.
Слични глетки имало повеќпати досега и со возилата на брза помош, кои исто така се принудени да чекаат додека се расчистат поставените тезги на коловозот.
Проблемот со дислокација на градскиот пазар е актуелен со години, но никој од градските татковци до сега не се зафатил за изнаоѓање трајно решение. Првиот човек на Општината уште пред три години призна дека за дислокација на пазарот не се размислува, туку само за мало дотерување на состојбата во рамки на постојните услови.
- Прашањето на пазарот за Кочани е болно затоа што ние немаме таква локација каде би можеле да го дислоцираме. Разговаравме на Комисијата за урбанизам, разговаравме со планерите, имавме согледувања од многу граѓани, пзарот треба да биде во центарот на градот заради тоа што сите така се движат. Тоа што е направено таму е направено, тоа е минато свршено време, па ќе настојуваме таму да си остане, а да го модернизираме поединечно колку можеме, рече во феверуари 2014 година Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
За разлика од Кочани, некои од соседните градови, како Штип на пример, најдоа соодветно решение за дислоцирање на пазарот од централното градско подрачје. Затоа, прашање е дали навистина пазарот кај нас и во иднина треба да остане таму каде што е или би можело да се размислува за друга локација, како што е онаа кај Панаѓурот или во друг дел од градот.
Т. Ајтовски
2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.