16.05.2017 Огромна количина отпадна фекална вода се излеа од шахтите на повеќе места во Кочани како последица од поројниот дожд што падна во понеделникот попладне.
Највпечатлива беше сликата во детскиот забавен парк, каде од притисокот на водата беше подигнат металниот капак, а фекалиите слободно се излеваа по плочникот и покрај реквизитите за забава на најмладите.
Од снимките што ги направиле граѓаните може да се забележи дека мала река тече по должината на улицата “Никола Карев“, а во текот на претпладнето се уште можеа да се забележат последиците од невремето.
Минувачите реагираа на загаденоста на просторот каде си играат најмладите, стравувајќи од можноста излеаните отпадоци подоцна да предизвикаат стомачни и други инфекции.
За слична состојба алармираа и жителите на други делови од градот, каде исто така дошло до излевање на отпадна вода што се измешала со атмосферската. Најсериозна состојбата била на улицата “Македонска“ во населбата Усова Чешма каде поради недовршените градежни работи, граѓаните над 30 години имаат проблеми при секој поголем дожд. Дел од подрумите се наполниле со вода.
Освен излевањето на отпадната вода од канализациската мрежа, граѓаните информираа дека на неколку места во градот како последица од дождот и ветрот биле забележани соборени дрвја и искршени гранки, што за среќа не предизвикале посериозни последици. Притоа во нивното отстранување интервенирала и пожарникарска екипа од ТППЕ - Кочани.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.