26.05.2017 27-годишниот Стојан Николов од Кочани е вљубеник во маратонското трчање и триатлонските дисциплини, со што се занимава од одамна и од настап во настап има солидни резултати.
До сега има учествувано на повеќе трки што се одржале во Македноија и во соседните земји и скоро од секој натпревар со враќа со признание.
Колекцијата од дипломи и медали што ги донесе во нашата редакција е само мал дел од она што до сега го има освоено и главно тоа се награди од последните негови настапи. На неодамна одржаниот маратон во Скопје, заедно со уште тројца негови колеги од Прилеп ја трчаа патеката во должина од по 10,5 километри и со време од 3 часа 9 минути и 9 секунди го осовија првото место.
Пред неколку дена пак, Николов учествуваше на маратонски натпревар што се одржа во градот Плевен во Бугарија.
- Станува збор за штафетен полумаратон, двајца трчавме во дисциплина по 21 километар и освоивме трето место. Имаше доста конкуренција, учествуваа натпреварувачи од Бугарија, Романија, Србија и од други земји, од Кенија имаше, доста силна конкуренција, рече Стојан Николов, маратонец.
Освен во Скопје и Бугарија, Николов учествуваше и на Атлетскиот митинг во Скопје, каде во трчање на 1 милја го освои второто место, а ист резултат постигна и на штафетното трчање 4 пати по 400 метри.
За да се постигнат добри резултати потребни се долготрајни подготвки, но и соодветни реквизити и опрема. Иако се чувствува подготвен за учество и на триатлон натпревари, тоа не може да го реализира поради немање соодветен велосипед, па очекува поддршка од стопанските и други субјекти во општината. За учество на триатлонските натпревари подготвките ги прави во условите што ги има во Кочани, иако тие не се доволни.
- За триатлон воопшто нема услови преку цела година, на пример не можеме да си дозволиме да пливаме во текот на цела година, а за трчање ја користам релацијата Кочани - брана Гратче најчесто, додава Николов.
Во неговите планови за наредниот период влегува учеството на маратонот во Врање, соседна Србија што треба да се одржи во почетокот на следниот месец, како и на триатлонот во Преспа, закажан за 24 јуни. Николов, кој е член на велосипедскиот клуб “Поскок“ од Кочани очекува и од овие настапи, за кои секојдневно се подготвува, да се врати со нови признанија и медали.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.