05.06.2017 Со прогласување на победниците во одделни категории и со врачување на наградите во Кочани заврши 53-то издание на ДАФ кој што од 29 мај до 3 јуни се оджа во Кочани.
На сцената на ЦК „Бели мугри“ беа прикажани 13 претстави во официјалната конкуренција од Македонија и Србија.
Жири комисијата во состав: м-р Димче Николовски,режисер, Андреа Голуб драмски уметник и Венцо Димитров, сценограф, одлучи Гран при наградата „Васил Ќортошев“ за најдобра престава да ја додели на претставата „Илустрации за тоа како идејата го запрепастува човекот кој не е спремен за тоа“ во изведба на актерите од театарот при Младинскиот образовен форум од Скопје во режија на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов.
Наградата за најдобра епизодна женска улога ја доби Бисера Димитриевска за стабилното и конкретно субјективизирање на ликот на Мелиса во претставата „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, во режија на Стоје Додевски, а во изведба на Аматерски театар „Куманово“ од Куманово.
Наградата за најдобра епизодна машка улога ја доби Јовица Сиљановски за покажаниот огромен творечки потенцијал и свежината што ја внесе во секоја појава на сцената, во улогата на Диме Такси, во претставата „Големи и мали“ од Бошко Смаќовски, во режија на Михајло Петревски, а во изведба на Аматерски театар при НУЦК „Кочо Рацин“- Кичево.
Наградата најдобра женска улога и беше доделена на Јована Јосеска за филигранското пласирање на успешно изградениот лик - Донка во претставата „Големи и мали“ од Бошко Смаќовски, во режија на Михајло Петревски, а во изведба на Аматерски театар при НУЦК „Кочо Рацин“- Кичево.
Наградата за најдобра машка улога ја доби Јанко Шаркези за врвното актерско мајсторство, во улогата на Франсоа Пињон во претставата „Вечера будала“ од Френсис Вебер, во режија на Александер Бако, а во изведба на КУД „Бранко Радичевиќ“ - Стара Пазова, Република Србија.
Жирито наградата за најдобра режија му ја додели на Димитар Шутевски за успешното фузирање на интимните желби и идеалите со проблемите на денешното општество, за претставата „Дисфункција“ од Ана Жежовска, во изведба на Младинска сцена при Интимен театар – Битола, додека наградата за уметничка иновација и истражување во аматерскиот драмски израз ја доби претставата „Дисфинкција“ од Ана Жежовска, во режија на Димитар Шутевски, а во изведба на Младинска сцена при Интимен театар-Битола, за искрената пожртвуваност и штедроста во создавањето на авторскиот проект.
Беше доделено и специјално признание на претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Јован Цветковски, а во изведба на НАТГ „Аматер“ – Охрид, за зрелиот и сериозен пристап при доловувањето на комплексните прашања што ги поставува современата пиеса „Буре барут“.
Во чест на наградените се одржа и ликовен преформанс на Сергеј Андреевски со музички хепенинг под наслов„Ние (запирка другарите)“.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.