12.06.2017 За само две недели се случиле неколку кражби во откупните центри за секундарни суровини во регионот, при што се однесени поголеми количини метали.
Најсвеж е случајот од овој викенд кога на еден од откупувачите во Кочани крадците му украле над 150 килограми бакар што бил подготвен да се носи на рециклирање. Освен тоа се краде и алуминиум и друг отпаден метал што има поголема откупна цена, а многу помал е интересот за железо или пластика.
Сопствениците на откупните центри кои работат со легални дозволи од државата се сомневаат дека станува збор за организирани групи крадци кои добро го познаваат теренот, при што не се плашат ниту од чуварската служба што на нивните објекти е активна 24 часа.
Специфично е дека чувари на отпадот се ангажирани само во Кочани и Велес, бидејќи обидот да се постават безбедносни камери се покажал како неефикасен. Едноставно, каблите биле искинати, а камерите искршени.
Од откупните центри велат дека кражбите им се случуваат во вечерните часови, кога сторителите доаѓаат со возила во кои го товараат украденото. Притоа, едно или две од лицата создаваат бучава на едниот крај од откупниот плац за да го насочат вниманието на чуварите, додекa другите на спротивникот крај преку оградата го префрлаат металот.
Карактеристика за ваквата појава е што до сега и покрај пријавите, не е расветлена ниту една кражба, а причинета е штета од десетици илјади евра. Поради тоа откупувачите на секундарни суровини бараат надлежните истражни и други државни органи да преземат соодветни превентивни мерки за да се спречи натамошното нелегално упаѓање на нивниот простор и кражба на вредните метали. Не сакаат да дојдат во ситуација сами да ги ловат крадците, зошто може да се случат и несакани последици.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.