16.06.2017 Првиот човек на Општина Кочани потврди дека контролата на Државниот завод за ревизија за финансиското и другото работење на Локалната самоуправа констатирала прекршувања и неправилности, но тие биле за периодот од пред три години.
Неговиот одговор дојде по поставеното советничко прашање дали против него или против Општината е започната правна постапка од страна ан Јавното обвинителство.
- Стои ревизорското мислење дека финансиските извештаи не ги прикажуваат вистинито и објективно сите материјални аспекти на финансиската состојба на Општина Кочани. Конкретно, станува збор за две работи, првата е за привремените вработувања, дека се вршени без никакви критериуми и втората работа е за помош од Општината што е давана за бетоиинрање тротоари и за потпорни ѕидови. Моето прашање е, бидејќи има укажување од страна на Државниот завод за ревизија, дали се стопирани овие работи и второ, дали има поднесено кривична пријава по однос на овие работи што ги спомнав, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
- До сега нема поднесено кривична пријава, значи јас како личност и до мене, на моја адреса, ниту на Општина Кочани нема примено воопшто никаква информација за поднесена кривична пријава. Ревизијата е вршена за 2014 година и се најдени некои недостатоци што се прикажани транспарентно на извештај од 60 страници на Државната ревизија и се дадени забелешки што ги има и по нив треба да се произнесат органите што се задолжени за тоа. Кога ќе се произнесат благовремено ќе бидете известени и официјално, нема никаква основа нешто да се затскрива или заталашкува, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Димитровски додаде дека дел од препораките на ДЗР се прифатени и се корегирани неправилностире во работењето. Притоа рече дека секој што работи и греши, а тој направил грешка во процедурите, но пријава за злоупотреба на службената должност или за остварување противправна имотна корист до сега не добил.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.