19.06.2017 Во саботата, во хотел-ресторанот „Парк“ во Виница, Ротари клубот Кочани-Виница со роденденската гала забава ја одбележа четиригодишнината од основањето.
Централниот дел на вечерта беше посветен на проектот Ротари млади лидери, при што беа наградени најуспешните матуранти од трите средни училишта во Кочани и Виница.
- Оваа годинана 9 ученици им доделуваме по 12 илјади денари, плус им доделуваме ваучери за изучување странски јазик, а некои од нашите деловни пријатели имаат посебни изненадувања за нив, тоа ќе го видиме во текот на вечерта, рече Кирил Шуперлиски, претседател на Ротари клубот Кочани-Виница.
Наградите во категоријата најпретприемач ги добија Надица Пујевска од „Љупчо Сантов“, Давид Арсов од „Ванчо Прке“ и Златко Ѓорѓиев од „Гошо Викентиев“. Како најхумани средношколци беа наградени Димитар Милцов од „Ванчо Прке“, Михаела Велинова од „Гошо Викентиев“ и Билјана Петрова од „Љупчо Сантов“. Со цел да ги мотивира и да им посака успех и во натамошното образование, Ротари клубот Кочани –Виница ги награди и првенците на генерацијата: Филип Војновски од „Гошо Викентиев“, Теодора Ѓорѓиева од „Љупчо Сантов“ и Дамјан Павлов од „Ванчо Прке“. Исто така, Филип Војновски доби и награда – дијамант од Сашо Дукоски од Ротари клубот „Камени мост“ од Скопје.
Годинава, Ротари клубот Кочани-Виница прими тројца нови членови, а на роденденската гала вечер, досегашниот претседател на Ротари клубот Кочани-Виница, Кирил Шуперлиски го предаде претседателскиот мандат на идниот едногодишен претседател Влатко Димитровски.
Во своето обраќање, Шуперлиски истакна дека во годината што изминала Ротари клубот Кочани-Виница реализираше повеќе активности, меѓу кои посебен белег остави Кабинетот по роботика во кочанското техничко училиште.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.