27.06.2017 Околу 50 жени од сите краеви на Македонија денеска во Горни Подлог сукаа јуфки како дел од хуманитарната манифестација „Јуфкијада“ што по шести пат се организира на ниво на држава.
„Јуфкијадата“ е во организација на Федерацијата на фармери на Република Македонија, а со поддршка на земјоделката задруга „Агроподлог“ и Месната заедница од Горни Подлог. Истата се одржа во дворот на манастирот „Свети Јован Крстител“ во Горни Подлог.
- По шести пат ја организираме оваа манифестација која има за цел да ги вклучи жените од руралните средини од сите краеви на Македонија. На денешната „јуфкијада“ учествуваат 50 жени од сите региони на државата, кои ќе се натпреваруваат во сукање на кори.Манифестацијата и годинава има хуманитарен карактер, а средствата што ќе се соберат од продажбата на јуфките ќе бидат наменети за потребите на дневните центри за деца со посебни потреби во државата, истакна Никола Стаменов, претстедател на федерацијата на фармери на Македонија.
- На овој натпревар се организиравме преку нашата кооперативна задруга „Агроподлог“. Покрај сукањето јуфки денеска ние се дружевме меѓу себе,разменувавме искуства за работата на село и за животот на жената во рурална средина, рече Ружа Стојмилова од село Горни Подлог.
На годинешната „Јуфкијада“ во Горни Подлог, беа подготвени над 200 кори јуфки кои по симболична цена ќе бидат откупени, а средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
23°C
Кочани