29.06.2017 Локалната власт на Кочани, предводена од градоначалникот Ратко Димитровски продолжува да спроведува политика на непотизам и партизирање на администрацијата во Општината.
Ова беше речено на прес конференцијата што ја организираше Општинската организација на СДСМ од Кочани, а на која зборуваше нејзиниот секретар, Ванчо Петрушевски.
Тој го обвини првиот човек на Локалната самоуправа дека направил унапредувањето на повисоки функции на некои вработени кои се негови блиски роднини и пријатели или партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ.
- Граѓаните се сведоци дека деновиве, во пресрет на претстојните локални избори, градоначалникот и секретарот на Општината потпишаа решенија со кои 11 лица ги унапредуваат на повисоки функции. Со новите решенија, Димитровски ја унапреди својата снаа во раководител на Секторот за планирање и развој, а ќерката на секретарот Петар Апостолов доби статус на советник во Одделението за информатика. Слично е и со партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои во иднина ќе извршуваат одговорни функции, иако се со краток работен стаж и искуство.
Лажни и лицемерни беа ветувањата на Ратко Димитровски дека во локалната администрација ќе го почитува професионализмот и стручноста. Со ова се докажува дека за сите овие години тој работеше само за себе, за своето семејство и партијата. Доаѓа време кога тој и неговата партија ќе понесат политичка одговорност за своето неодговорно работење, рече Ванчо Петрушевски, секретар на ОО СДСМ - Кочани.
Петрушевски додаде дека наесен граѓаните на Кочани ќе можат да изберат нова локална власт предводена од СДСМ, а која ќе се грижи за сите граѓани и ќе стави крај на непотизмот и на личните и партиски интереси.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
-7°C
Кочани