30.06.2017 Претставници на здружението на оризопроизводители “Бело злато“ имале состанок во Министерството за земјоделство во Скопје, на кој со ресорниот министер се разговарало околу исплатата на субвенциите.
На средбата биле изнесени факти дека финансиската поддршка од државата наменета за оризот доцни за неколку години.
Земјоделците велат дека се задоволни од разговорите, затоа што добиле ветувања дека наскоро ќе се исплатат субвенциите што им следуваат.
- Од вчерашната средба со министерот Николовски во Скопје, произлезе дека конечно ќе се деблокира Платежната агенција, односно ќе се исплаќаат субвенциите на вистинските земјоделци. Според неговата вчерашна изјава, ни вети во најбрз можен рок да бидат исплатени комплетно субвенциите заклучно со 2016 година. Зборувам исклучиво за нашиот регион, затоа што оризот е носечка култура во Кочани и пошироко, рече Зоран Борисов, потпретседател на Здружението “Бело злато“.
Освен за исплатата на редовната финансиска поддршка за изминатите години, на средбата во Министерството се разговарало и за субвенцијата од дополнителните 5 денари за килограм што на производителите на ориз им беа ветени пред една година.
- Тие 5 денари, можеби има еден мал дел оризопроизводители кои ги имаат земено, а поголем дел не, ќе влезат во сегашната исплата што е во тек, значи ќе ги добијат комплетно субвенциите со петте денари и по единица површина, заклучно со 2016 година. Расположение од страна на министерот има да го посети Кочани со неговиот тим од кабинетот, да ги види, да ги согледа проблемите на оризопроизводителите за оваа нова сезона и темелно да се запознае, затоа што за само неколку месеци доаѓа новата реколта и мора да дефинираме, многу порано, откупна цена за 2017 година за килограм произведена арпа, додава Борисов.
На состанокот со министерот било побарано освен за оризот, да се исплатат и субвенциите за млекопроизводителите, сточарите и останатите фармери. Исто така, едно од барањата било субвенции да добиваат само вистинските земјоделци, односно оние кои произведуваат и пласираат производи, наместо досегашната практика кога на бизнисмени кои зеле државно земјоделско земјиште под закуп им биле исплаќани субвенции, иако на нивите немало засеано ништо.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.